People visit the tomb of the late Pope Francis in the Papal Basilica of Saint Mary Major (Santa Maria Maggiore), in Rome

Светот се збогува со “Папата на сиромашните”

Со величествена, но скромна задушна света Литургија на плоштадот Свети Петар, во сабота 26 април 2025 година Црквата го испрати папата Фрањо во вечниот дом, во прегратките на небесниот Отец. Нешто повеќе од 400.000 верници, бројни кардинали, бискупи, свештеници, како и политички и верски водачи од целиот свет, присуствуваа на погребот на Папата кој ќе остане запаметен како “Папа на сиромашните”, гласник на мирот и маргинализираните.

Пишува: отец Гоце Костов

Со величествена, но скромна задушна света Литургија на плоштадот Свети Петар, во сабота 26 април 2025 година Црквата го испрати папата Фрањо во вечниот дом, во прегратките на небесниот Отец. Нешто повеќе од 400.000 верници, бројни кардинали, бискупи, свештеници, како и политички и верски водачи од целиот свет, присуствуваа на погребот на Папата кој ќе остане запаметен како “Папа на сиромашните”, гласник на мирот и маргинализираните.

Папата Фрањо, кој почина на 21 април 2025 година, ја водеше Црквата повеќе од 12 години во време на големи предизвици, промовирајќи дијалог меѓу народите, залагајќи се за екуменизмот, човечко братство и грижата за најранливите. Неговата желба за поедноставување на погребниот обред се отслика и на неговиот сопствен погреб: според реформите што ги воведе во 2024 година, Светиот Отец беше положен во еден едноставен дрвен ковчег, наместо во три како што беше пракса порано. Неговиот погреб тој сакаше да изгледа како на пастир на Црквата, а на не на кнез од овој свет и да упатува на верата во воскресението.

Литургијата, која ја предводеше деканот на Кардиналскиот колегиум Џовани Батиста Ре, во проповедта ја истакна благодарност за понтификатот на Папата. Според неговиот тестамент, ковчегот со неговото тело е положен во базиликата Света Марија Велика, таму каде што пред секое апостолско патување и по завршувањето на патувањето се молеше пред иконата Богородица Спасение на римскиот народ.

Посебно место во сеќавањата на многумина Македонци останува незаборавната посета на папата Фрањо на 7 мај 2019 година, кога за првпат во историјата еден Папа стапна на македонско тло. Неговата посета беше оддавање почит на духовната традиција на македонскиот народ и земјата каде света Мајка Тереза е “плод на македонската земја” и пример за безусловна љубов кон најсиромашните.

Посетата на Македонија беше еден вид признание за Македонија за улогата, која ја има како мост меѓу истокот и западот, меѓу различните народи и вери.

За време на својот понтификат, папата Фрањо упати големи гестови на понизност: миење на нозете на затвореници и мигранти, посети на бегалски кампови, отворање на Ватикан за бездомници. Неговите енциклики оставија длабоки траги во теолошката мисла и општествениот ангажман на Црквата.

Светот не се збогува само со еден Папа, туку со глас кој храбро се застапуваше за правдата, мирот и зачувувањето на Божјото создание. Папата Фрањо останува во сеќавањата како човек кој го живееше Евангелието, повикувајќи ги сите луѓе на братство без граници.

Неговата пасторална чувствителност, искреноста во комуникацијата, и одважноста да зборува за тешки теми, дури и кога тие не беа популарни, го направија да биде мост помеѓу Црквата и современиот свет.

Секако дека има многу мисли кои ќе останат како наследство на неговиот понтификат, како што е на пример „Црквата е полска болница“. „Кога сретнуваш некој сиромашен дали ја вртиш главата?“ „Кога даруваш на сиромашен дали го гледаш во очи?“ „Може да го гледаш својот брат од повисоко, само тогаш кога му подаваш рака за да стане?“ „Бог никогаш не се уморува да простува. Ние сме тие што се уморуваме да бараме прошка.“ „Сакам Црква која е сиромашна и за сиромашните.“ „Никој не може да се спаси сам.“ „Драги млади, не дозволувајте да ви ја украдат надежта!“ „Младите не се иднината на Црквата – тие се сегашноста на Црквата.“

Тој не беше реформатор на науката на Црквата, верно го зачува пологот на верата, кој му беше доверен како Петров наследник. Неговите реформи пред сé се во начинот со кој управува Црквата. Можеме да кажеме дека неговиот понтифат е надополнување на неговите двајца претходници. Иван Павле II со неговите 104 апостолски патувања и 129 посетени земји, ги отвори хоризонтите за евангелизација, создаде мостови меѓу народите со својата харизма. Бенедикт XVI, пак, со негова длабока богословска мисла, посебно со неговите три енциклики: Deus caritas est (Бог е љубов), Spe salvi (Со надеж спасени) и Caritas in veritate (Љубов во вистината), го подготви пасторалниот терен за папата Фрањо, „папата на сиромашните“, да го продолжи тој континуитет со акцент на Божјото милосрдие, носејќи го Евангелието на улиците, во болниците, затворите, бегалските кампови и насекаде каде што имаше потреба од близина и нежност. Иван Павле II e душата на Црквата, Бенедикт XVI e мислата, умот, на Црквата, а Фрањо срцето.

Епископот Стојанов во неговото писмо до верниците, по повод упокојувањето на папата Фрањо пишува:

Благодарни сме на Бога за неговиот понтификат, кој на негов својствен начин го покажуваше постојано милосрдното лице на Отецот, а посебно беше глас на сиромашните и маргинализираните. Благодарни сме на неговата Апостолска посета на Македонија во мај 2019 година, која ќе остане во нашите сеќавања и запишана во историјата на Република Македонија. Неговото заземање за мир во светот, за дијалог и братство меѓу народите ќе останат негов завет за идните генерации.

Во овие денови на жалост, како Црква сме повикани на единство и благодарност за дарот што Господ ни го даде преку папата Фрањо. Со вера и надеж да молиме од Воскреснатиот Христос, да ги слушне евангелските зборови: Добар и верен слуго, влези во радоста на својот господар! (сп. Матеј 25,21) и да го прими во Неговото царство.

 

27 април 2025, 15:41