2025.04.29 6ª Congregazione Cardinali

Кардиналите размислуваа за Црквата и светот и за каркатеристиките на следниот Папа

На Генералната конгрегација, која се одржа на 28 април 2025 година, беше одлучено конклавата да започне на 7 мај, а присуствуваа повеќе од 180 кардинали.

Повеќе од 180 кардинали се собраа во понеделник, 28 април, на петтата Генерална конгрегација на Кардиналскиот колегиум во Синодската сала, каде што одлучија на 7 мај да започне конклавата. Ова го соопшти Матео Бруни, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, објаснувајќи дека имало повеќе од сто присутни кардинални електори и дека имале можност да зборуваат за Црквата, нејзиниот однос со светот, предизвиците кои се појавуваат и со какви карактеристики треба да биде новиот Папа.

Евангелизацијата, односите со другите религии и прашањето за злоупотреба беа дел од темите на кои се разговараше на оваа конгрегација. Исто така, како и претходните денови, положија заклетва кардиналите кои претходно не го сториле тоа.

Избрани кардинали кои му помагаат на кардиналот Камерленго

За време на петтата Генерална конгрегација, беа извлечени со ждрепка имињата на кардиналите за Комисијата која му помага на кардиналот Камерленго Кевин Фарел во управувањето со редовните работи за подготовка на конклавата. Станува збор за кардиналите Луис Антонио Тагле и Доминик Мамберти, додека кардиналот Маркс е во Комисијата како координатор на Советот за економија. Систинската капела од 28 април, е затворена за јавноста поради подготовките за конклавата. Исто така, суспендирани се посетите на Ватиканските градини и некрополата во Виа Триумфалис.

Седницата на шестата Генерална конгрегација ќе се одржи во вторник со почеток во 9:00 часот и ќе започне со првата од двете предвидени проповеди пред конклавата, која ќе ја одржи Донато Ољари, игумен на базиликата Свети Павле надвор од ѕидините. Седниците на собранието потоа ќе продолжат да се одржуваат секое утро во 9:00 часот вклучително до 6 мај, освен во четврток, 1 мај и недела, 4 мај.

30 април 2025, 08:08