Благодарност на кардиналите до некатоличките заедници присутни на погребот на Папата
Кардиналскиот колегиум сака да им изрази „искрена благодарност“ на поглаварите на некатоличките цркви и црковните заедници кои беа присутни или испратија делегации на погребот на папата Фрањо на 26 април минатата година, како и на претставниците на јудаизмот, исламот и другите религии.
Во соопштението од Светиот Престол, кардиналите изразуваат „благодарност за солидарноста покажана во моментот на тага“, како и до сите цивилни делегации кои учествуваа, како и до оние кои ги предводеа: суверени, принцови, шефови на држави и влади, министри и други владини претставници. „Нивното присуство е особено ценето како соучество во тагата на Црквата и на Светиот Престол за смртта на Папата и како почит кон неговата непрестајна посветеност во корист на верата, мирот и братството меѓу сите народи на земјата“, се вели во писмото.
Кардиналите сакаат посебно да им се заблагодарат на „италијанските власти, градот Рим, безбедносните служби, Цивилната заштита, медиумите и работниците, вклучувајќи ги и вработените во Светиот престол и Управата на државата Ватикан, кои со голема посветеност и великодушност придонесоа за подготовка на сè што е потребно за различните славења, признавајќи дека, благодарение на нивната работа, сè се одвиваше во ред и мир“.
На крајот е упатена, „благодарна мисла“ до илјадниците млади кои учествуваа на Јубилејот во недела, 27 април, „покажувајќи го лицето на Црква жива со животот на својот воскреснат Господ, и до целиот Божји народ кој оди со надеж кон иднината“.
Митрополитот европски Пимен, беше претставник на МПЦ-ОА на погребот на папата Фрањо и на 26 април присуствуваше на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, каде се служеше задушната света Литургија за папата Фрањо.
На највисоко нив од православните цркви, во Рим беше Вселенскиот патријарх Вартоломеј со делегација на Патријаршијата, патриајрхот Јован ја претставуваше Антиохиската Патријаршија, архиепископот Јован, поглавар на Албанската православна црква, архиепископот Ростислав, поглавара на Православната црква во Чешка и Словачка. Руската Православна црква ја претставуваше Митрополитот Волоколамски Антониј, шеф на руската црковна дипломатија.