Пребарување

2025.04.29 6ª Congregazione Cardinali

Шеста Генерална конгрегација: Конклавата треба да биде отворена за слободата на Духот

На шестата Генерална конгрегација на кардиналите собрани за избор на Петров наследник, бенедиктинскиот опат на базиликата Свети Павле надвор од ѕидините ги повика кардиналите да го стават Христос во центарот, за Црква отворена за братство и дијалог, работејќи за доброто на светот и за мир.

Конклавата нека не биде „заклучено место“ (како што кажува самиот израз), туку „Џенаколо“ отворен за целиот свет, во кој преовладува слободата на Духот кој подмладува, прочистува, создава – ова е желбата што ја изрази бенедиктинскиот опат на базиликата Свети Павле надвор од ѕидините, дом Донато Ољари. Имено, во вторник, 29 април 2025 година, во Новата синодска сала, тој го одржа воведното размислување на шестата Генерална конгрегација на кардинали кои пристигнаа во Рим за конклавата која ќе започне на 7 мај и ќе го избере наследникот на папата Фрањо. Светиот Дух нека биде главен протагонист на разговорите, динамиката, понекогаш дијалектичка, која го обележува секое човечко собирање, со цел да ги разгори умовите и да ги просветли очите за доброто на Црквата и целиот свет – посака опатот.

Клучен момент за Црквата

На почетокот од размислувањето, дом Ољари нагласи дека, во момент толку многу оптоварен со последици за Црквата, како што е изборот на Папата, потребно е повторно да се фокусира душата, умот и срцето околу личноста на Исус Христос; имено Црквата е повикана Него да го навестува и да сведочи на светот. Кога Христос не е центарот на посланието, Црквата би била само ладна и стерилна институција. Затоа, бенедиктинецот ги охрабри кардиналите секој ден одново да се потпираат на оваа сигурност, бидејќи само на тој начин ќе биде можно да се избегнат ласкањата на светот и лесните патишта за бегство што ни ги нуди. Христос нека биде здивот, компасот и поларната ѕвезда на Кардиналскиот колегиум – додаде дом Ољари.

Бидете отворени, храбри, пророчки

Опатот на базиликата Свети Павле надвор од ѕидините во исто време потсети колку е важно од Исус да учиме за нежноста и понизноста, за милосрдната и сочувствителна љубов. Така вкоренетата Црквата, е, всушност, отворена, храбра, пророчка, избегнува насилни зборови и гестови и станува глас на оние кои немаат глас. Црквата вкоренета во Христос – продолжи тој – е учителка на братството, обележана со почит, дијалог, култура на средба и градење мостови, а не ѕидови, како што отсекогаш охрабруваше папата Фрањо.

Да продолжиме да обрнуваме внимание на последните во светот

Мајка, а не маќеа, далеку од самореферентна, подготвена да им подаде рака на браќата и сестрите кои не се дел од неа, Црквата вкоренета во Христос е пред сè онаа што ги става отфрлените, сиромашните, обесправените, последните во центарот. Во оваа смисла, дом Ољари се осврна на „теолошката категорија“ воведена од покојниот папа Бергољо, според која сиромаштвото, пред да биде социолошки и етички проблем, е прашање поврзано со доктрината. Поради оваа причина, бенедиктинецот рече дека е сигурен дека Црквата нема да пропушти да продолжи да ги држи очите и срцето широко отворени за последните на земјата, сонувајќи дури и за она што изгледа невозможно.

Синодален пат: Учество и обнова

Потоа охрабрувајќи ги присутните да се подложат да го преиспитуваат Духот за да ги исчистат своите срца од сè што не одговара на мислата Христова, дом Ољари потсети на важноста на единството и заедништвото на Црквата, сфатено како плурално единство и разновидно заедништво, во кое различноста се гледа како можност за примерен и дијалошки разговор со цел да се бараат креативни патишта за заедничкото одење.

Во таа смисла, дом Ољари поттикна плодно поврзување на Црквата како хиерархиска институција и Црквата како верници мирјани, и двете неопходни за градење на Црква на заедништво. Од оваа перспектива, синодалниот пат или процес може да го направи поефикасно посланието на Црквата во општеството.

Предизвиците на Црквата во светот

Дом Ољари потоа голем дел од своето размислување го посвети на предизвиците на Црквата во светот, размислувајќи за антрополошките промени, братоубиствените војни, автократиите и национализмите, посткапиталистичките либерали засновани на чист профит, уништувањето на создадениот свет, ризиците поврзани со новите техно-науки, миграциите и неможноста на политиката да најде решенија кои го почитуваат светиот принцип на прифаќање и вклучување; сеприсутната и инвазивна секуларизација, особено на западните општества. Сето ова се раскрсници – нагласи опатот – пред кои Црквата е повикана без страв да оди по патот на дијалогот, кој папата Фрањо го интензивираше во сите области, како конститутивен елемент од посланието на Црквата.

Внатрешни предизвици на Црквата

Дом Ољари се осврна и на предизвиците во Црквата, како што се – како што рече – „загноената рана“ од злоупотребата, разредените свештенички и монашки звања, потрагата по нов израз на денешниот човек, улогата на жените, опасноста од клерикализам и бирократизацијата на свештеничката служба. Ова – додаде тој – не е стерилно самосожалување, туку охрабрување никогаш да не се заборави огромното добро кое Црквата го прави низ целиот свет, дури и таму каде што исповедањето на христијанската вера вклучува прогонство или смрт. Затоа, ги охрабри кардиналите да го видат, меѓу толку многу рани, живото присуство на Воскреснатиот кој ја придружува Неговата Црква дури и среде тешкотиите на историјата.

Трпение и надеж

Потоа дом Донато ја спореди Црквата со грнчарска работилница, или поточно Господ како грнчар. Имено, тој обликува глина за да создаде нешто убаво и значајно, а преку својата трпелива работа, нè учи да истраеме, да не паднеме со духот и да не се откажуваме пред неуспехот. Како што поучуваше папата Бергољо, трпението е поврзано со надежта. Во оваа перспектива – додаде бенедиктинецот – Црквата која знае да биде трпелива е Црква која знае да се надева, гледајќи со занес во иднината, од која Бог доаѓа да се сретне со човештвото.

Примерот на Света Катерина од Сиена

На крајот, на денот кога се слави литургискиот спомен на Света Катерина Сиенска, опатот на базиликата Свети Павле надвор од ѕидините ги охрабри кардиналите да ја наследуваат неа, која – од голема љубов кон Христос – неуморно се залагаше за реформа и единство на Црквата, за мир и за Папата.

30 април 2025, 10:01